Свечља објави снимка од нападот во Бањска, вели дека меѓу напаѓачите е и потпретседателот на Српска Листа – Радојичиќ
– Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави снимки од групата која во неделата ја нападна косовската полиција во селото Бањска во северно Косово. Тој вели дека меѓу напаѓачите е и потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Милан Радојичиќ, кој е на црната листа на САД и Велика Британија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља рече дека Радојичиќ бил „водач на терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку“.
Снимките што ги објави косовскиот прв полицаец на својата страница на Фејсбук се од внатрешноста на православниот манастир во Бањска.
„Ова на сликите подолу е Милан Радојичиќ, потпретседател на СЛ, исто така дел од Црната листа на САД и Обединетото Кралство. Веле-криминалецот Радојичиќ беше водач на оваа терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Ова е уште еден доказ за неговата терористичка активност против Република Косово. Потпретседателот на Српска листа е водач на терористичкиот напад и групата терористи“, напиша Свечља.