СВР Тетово: На повеќе локации полицајците ќе спроведат планирано есенско боево гаѓање

СВР Тетово ги информира граѓаните дека од утре па до 28 септември нивните вработени ќе имаат планирано есенско боево гаѓање, односно ќе вежбаат пукање и затоа ќе се слушаат пукотници. Вежбањето ќе се одвива на повеќе локации во тетовско и гостиварско подрачје.

-Секторот за внатрешни работи Тетово очекува разбирање од граѓаните за ваквите активности кои се професионална обврска на полициските службеници и припадниците на резервниот полициски состав. Зависно од  организациската единица, гаѓањето ќе се реализира на стрелиштето „Еребино“, импровизираното стрелиште „Рудина“ во тетовска Волковија, како и на двете импровизирани стрелишта Брана во Маврови Анови и во долнореканското село Аџиевци, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Есенското боево гаѓање е според веќе утврдениот годишен распоред, а освен полициските службеници ќе учествуваат и припадниците на резервниот полициски состав на Секторот за внатрешни работи Тетово.