Северна Македонија и Словенија потпишаа нов Договор за соработка во одбраната

– Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, и словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец, денеска во Министерството за одбрана го потпишаа Договорот за соработка во одбраната помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.

Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за одбрана на Северна Македонија.

Петровска и Шарец остварија тет-а-тет средба и билатерална средба со делегациите од двете држави, по што следуваше и заедничка прес-конференција во Клубот на пратеници.

„Со задоволство го потпишавме новиот Договор за соработка во одбраната помеѓу двете влади, што несомнено ќе придонесе во градењето на нашето пријателство и нашата соработка. Областите во кои ќе соработуваме се бројни, но она што е најзначајно е дека преку реализацијата на овој Договор ќе придонесеме кон зајакнувањето на мирот, довербата, стабилноста и просперитетот во земјите од регионот, но и во целата евроатлантска област“, рече Петровска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана.

Петровска истакна дека двете земји заеднички придонесуваат во мултинационалните сили во Латвија со што јасно покажуваат дека не отстапуваат од заедничката цел, а тоа е безбедна Алијанса и сигурни граѓани.

Таа се заблагодари за континуираната словенечка поддршка во процесот на интеграција кон Европската Унија и за помошта за да се изгради заедничкиот европски мост.

„Македонската приказна во НАТО е успешна, но останува уште една стратешка цел која мораме да ја направиме да биде реалност. Благодарни сме за вашата неизмерна поддршка на патот на Северна Македонија кон ЕУ и за тоа што ни помагате да го изградиме овој заеднички европски мост“, додаде Петровска.

Словенечкиот министер Шарец порача дека е исклучително важно што ја продолжуваат соработката во меѓународните операции и мисии и што детектираат нови области во оваа област.

Заедничкиот придонес во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, тој го нарече „успешна приказна“.

„Заедно даваме видлив придонес во сојузничката одбрана и одвраќање, додека истовремено ја зголемуваме подготвеноста и поврзаноста на нашите вооружени сили, што демонстрира една регионална димензија на соработка. Словенија одлучи да го продолжи своето воено присуство во Латвија и ние неизмерно го цениме вашиот придонес и вашата подготвеност да продолжите успешно да соработувате со нас во овој ангажман“, заклучи Шарец.