„Сега повеќе нема да купуваме од Русија“

Молдавија повеќе нема да купува гас од руската компанија Газпром.

Ова го изјави министерот за енергетика на Молдавија Виктор Парликов за време на видео обраќањето на Евроатлантскиот форум за одржливост во Букурешт.

Тој најави дека Кишињев купувал гас од европскиот пазар, под услови кои се поповолни од оние кои Кишињев ги има во договорот со Гаспром, пишува сајтот на Радио Молдавија.

„Ние повеќе нема да купуваме природен гас од Гаспром за територијата што ја контролираат уставните власти, бидејќи во Република Молдавија сè уште имаме дел од територијата што не ја контролираме – сепаратистичкиот регион“, рече Парликов.

Тој тврди дека благодарение на евроатлантските партнери, Молдавија успешно го зајакнува енергетскиот сектор.

Како што дознава Комерсант, молдавските власти му понудиле на Гаспром да склучи договор за порамнување, според кој руската компанија и нејзините структури ќе ги отпишат долговите кон молдавската енергетска компанија Молдовагас.

За возврат се очекува Кишињев да гарантира дека нема да поднесе тужба против Гаспом поради намалувањето на испораките и дека на руската компанија ќе и плати отштета од 145 милиони евра.