Орбан: Унгарија ќе потпише договор со Шведска од сферата на одбранбената индустрија

Унгарија ќе потпише договор од областа на одбранбената индустрија со Шведска, соопшти унагрскиот премиер Виктор Орбан пред денешниот состанок во Будимпешта со неговиот шведски колега Улф Кристерсон, додека централноевропската земја се подготвува конечно да го ратификува членството на скандинавската земја во НАТО.

„Ги решивме сите отворени прашања и ќе потпишеме договор за одбранбената индустрија – сериозен, со оглед на големината на Унгарија, а ќе претставиме и некои решенија и цели за воена соработка“, изјави Орбан за националното радио „Лајош Кошут“ без да даде повеќе детали.

Двајцата премиери во текот на денешниот ден ќе одржат заедничка прес-конференција. Орбан рече дека „в понеделник унгарскиот парламент ќе го стави последниот печат“ на членството на Шведска во НАТО.

Унгарија остана единствената земја-членка што не го ратификуваше пристапувањето на скандинавската земја во северноатлантската алијанса, а нејзината владејачка партија Фидес постојано го одложуваше гласањето во националниот парламент, посочувајќи на проблеми во билатералните односи со Шведска.