Седум загинати во пожар во близина на главниот град на Филипините

Седум лица, меѓу кои две деца, загинаа синоќа во голем пожар што се случи во близина на Манила, главниот град на Филипините, соопшти денеска полицијата.

Неколку семејства кои живеат во иста куќа во Тајтај, густо населена општина југоисточно од Манила, беа зафатени од пожарот, соопшти полицијата.

Во пожарот се уништени 40 куќи, а куќата во која загинаа луѓе била пристапна само преку долг и тесен премин.

Меѓу загинатите има двегодишно девојче и 12-годишно момче кои не успеале да побегнат, соопшти вршителот на должноста началник на полицијата во Тајтај.

Најмалку едно лице е повредено, соопшти полицијата, додавајќи дека 60 семејства останале без покрив над главата.

Пожарот се гаснел два часа, соопштија официјални лица, а истражителите се сомневаат дека причината е дефект во електричните инсталации во една од зградите.