Сем Банкман-Фрид, поранешен тајкун на криптовалути, осуден на 25 години затвор

Сам Банкман-Фрид, американски екс магнат на криптивалути, денеска е осуден на 25 години затвор поради кражба на осум милијарди долари од корисниците на неговата сега банкротирана берза за криптовалути FTX и други финансиски проневери.

Луис Каплан, регионален судија од Менхетен, ја изрече пресудата откако ги отфрли тврдењата на Банкман-Фрид дека клиентите на FТХ всушност не ги изгубиле парите и го обвини дека лажел на сведочењата.

Банкман-Фрид од порота од Њујорк лани во ноември беше прогласен за виновен под седум точки од обвинението за измама и заговор засновано на колапсот на FTX во 2022 година, случај што обвинителите го нарекоа една од најголемите финансиски измами во историјата на САД.

Казната е завршница на случајот со Банкман-Фрид кој во изминатите години беше прогласен за вундеркинд на криптовалутите, претприемач милијардер и значаен спонзор на политички кампањи во САД. Со банкротот на FTX во 2022 година тој падна во немилост на властите на САД што го гонеа како главен трофеј во проневерите на пазарите со криптовалути.

Одбраната на Банкман-Фрид најави дека судската одлука ќе ја даде на апелација.

Според Каплан, на корисниците на FTX им пропаднале осум милијарди долари, акционерите инвеститори изгубиле 1.7 милијарди додека зајмувачите на хеџ фондод Аламеда Рисерч изгубиле 1.3 милијарди долари.