Русија во текот на ноќта започна серија напади врз Украина. Експлозии одекнаа во градот Запорожје, Л’вов на западот на земјата во близина на границата со Полска, а нападнат е и главниот град Киев.
Воената администрација на Киев соопшти дека Москва започнала напад со беспилотно летало во раните утрински часови, предупредувајќи ги жителите да се засолнат, во објава на апликацијата Телеграм. Засега нема информации за жртви.
Администрацијата подоцна соопшти дека противвоздушната одбрана на градот открила и уништила дваесетина беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство во „масовен воздушен напад“. Се вели дека тоа е втор напад со беспилотни летала врз градот од почетокот на месецот.
Во Л’вов е погоден и запален дел од „критичната инфраструктура“, соопшти градската воена управа, но нема повредени. Претходно, градоначалникот Андриј Садови информираше за експлозиите во Лавов и неговата околина. Не е јасно дали експлозиите дошле од противвоздушна одбрана или од ракетни напади.
Воздушна тревога беше објавена и во Запорожје, објавија украинските медиуми, истакнувајќи дека јужниот град бил цел на жестоки напади на руската артилерија во последните неколку дена.
-Ситуацијата во градот беше стабилна и покрај немирната и бучна ноќ, изјави подоцна на Телеграм шефот на градскиот совет, Анатолиј Куртев, додавајќи дека нема повредени ниту оштетувања на станбени згради, додека сите комунални системи работат нормално.