Рускиот претседател Владимир Путин вчера во Кремљ разговараше со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров за ситуацијата во Русија, социјалната сфера и учеството на чеченските борци во војната против Украина, соопшти Кремљ.
„Посакајте им cè најдобро на момците. На нивните семејства, најдобри желби. Знам дека вие лично сте вклучени во овие прашања цело време, вклучително и поддршка на семејствата на нашите момци кои храбро и херојски се борат на првите линии“, рече Путин.
Kако што истакна, тој е задоволен што чеченските единици воспоставиле добри контакти со други формации и повисоки нивоа, пренесува РИА Новости.
Кадиров рече дека борците се расположени и дека се решаваат сите нивни прашања и проблеми.
Тој, исто така, тврди дека војниците секој ден заробуваат членови на украинскиот воен персонал и уништуваат воена опрема.
,,Ниту еден тенк Абрамс не е страшен. Од почетокот купивме илјада оклопни возила“, рече Кадиров.
Тој додаде дека Чеченија е единствениот регион во кој Русија има пет полкови и три баталјони и дека сите тие учествуваат во „специјална операција“.
Зборувајќи за ситуацијата во земјата, Путин посочи дека динамиката е позитивна и дека тоа е благодарение на Кадиров и неговиот тим, „кои работат самоуверено и добро соработуваат со федералната влада“.