“СЕ БОРЕЛ И ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА“ – Кој беше иранскиот командант на чиј гроб денес се случи масакар: Го нарекуваа “Џејмс Бонд“ на Блискиот Исток

На четвртата годишнина од смртта на Касем Сулејмани, Иран повторно е обвиен во црно.

Најмалку 103 лица загинаа во две експлозии во близина на гробот на познатиот ирански генерал.

Генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен во американскиот напад во Ирак во 2020 година, беше вториот најмоќен човек во Иран, веднаш под ајатолахот Али Хамнеи и се сметаше за креатор на големите амбиции на Иран на Блискиот Исток.

Исто така, како командант на моќна иранска елитна единица, Касем Сулејмани се сметаше за вистински ирански министер за надворешни работи кога станува збор за прашања за војна и мир.

Нашироко се верува дека тој бил главниот архитект на војната на претседателот Башар ал Асад во Сирија, актуелниот конфликт во Ирак, борбата против Исламската Држава и многу други битки.

Познат по тоа што има огромна моќ во рацете, командантот некои го почитувале, други го мразеле, а сигурно е дека околу неговото име се вртеле митови.

Тој беше лидер на единицата Кудс, елитните сили на Иранската Револуционерна Гарда, од 1998 година.

И додека тој не беше изложен на јавноста на почетокот на неговата кариера, неговиот авторитет во иранскиот воен естаблишмент се зголеми во 2019 година кога ајатолахот Али Хамнеи му го додели највисокиот воен орден.

Тоа беше првпат командант да добие медал од формирањето на државата во 1979 година.

Оваа единица управува со тајни операции во странство.

Токму затоа администрацијата на Доналд Трамп веруваше дека силите Кудс се главниот механизам на Иран за охрабрување и поддршка на терористичките групи на Блискиот Исток, вклучувајќи ги либанскиот Хезболах и палестинскиот Исламски Џихад – со финансирање, обука, вооружување.

Касем Сулејмани бил најжестокиот борец против калифатот на Исламската Држава, а поради мистериозните мисии кои ги извршувал бил наречен „Џејмс Бонд“ на Блискиот Исток.

Се верува дека Касем Сулејмани и неговата единица се бореле и во Босна и Херцеговина.

Лично се сретнав со генералот Касем Сулејмани двапати во Иран, еднаш во Техеран на конференцијата во 2016 година, а вториот пат во градот Мешад една година подоцна. Изгледаше многу скромно, се гледаше дека го мери секој збор што ќе го каже. Иако не разговаравме долго, кога дозна дека доаѓам од Хрватска, само фрли прашање: ‘Каква е ситуацијата во Босна и Херцеговина ?’. Кога го прашав дали бил во Босна и Херцеговина, а тој одговори: ‘Секако дека бев, но многу одамна, во 1993 и 1994 година. Секаде каде што им треба помош на муслиманите, јас сум таму’. На разделбата му реков да се грижи, а неговиот одговор беше: ‘Молете се за мене да умрам како маченик, тоа е мојата најголема желба’“, изјави Хасан Хајдар Диаб, познат хрватски новинар во еден текст.