Се огласи добитничката на Нобеловата награда за мир: „Победата е на дофат“

Во изјавата испратена до Њујорк Тајмс, Мохамади нагласи дека престижната награда и поддршката што ја добила дополнително ја зајакнуваат нејзината посветеност и надеж за подобра иднина.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, иранската активистка Наргес Мохамади, го изрази своето длабоко чувство на одговорност и решителност поради глобалната поддршка и признание што го доби за нејзиниот неуморен ангажман во областа на човековите права .

Во изјавата испратена до Њујорк Тајмс, Мохамади нагласи дека оваа престижна награда и поддршката што ја добила дополнително ја зајакнуваат нејзината посветеност и надеж за подобра иднина.

– Се надевам дека ова признание дополнително ќе ги охрабри иранските граѓани кои се борат за промени и права и ќе ги направи уште посилни и поорганизирани. Победата е на дофат – изјави Мохамади преку платформата Икс (Твитер).

Нобеловиот комитет одлучи претходно денеска да и ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година. Во образложението на наградата се нагласува дека Мохамади е наградена за нејзината храбра борба против репресијата на жените во Иран, како и нејзината посветеност во промовирањето на човековите права и слободи за сите граѓани.

Мохамади е еден од истакнатите активисти за човекови права во Иран, чија борба се фокусира на правата на жените и укинувањето на смртната казна. Моментално е во затвор во Техеран, каде била дури 13 пати, а пет пати била осудувана, што резултирало со вкупна затворска казна од 31 година.