СЕ ОТВОРА ВО СЕПТЕМВРИ- Огромна LED видео купола се тестира во Лас Вегас, распродадени концерти на U2
Технолошко-забавните компании „МСГ“ и „Сфер ентертејнмент“ почнаа со тестирање на салата „Сфер“, што ќе има 17.600 седишта и најсофистицирани концертни ефекти.
Изградбата на куполата почна во 2019 година, а пандемијата и технолошката сложеност ѝ ја зголемија цената до 2,3 милијарди долари. Ова е најскапата градба во Лас Вегас досега, бидејќи стадионот на рагби-клубот Рајдерс чинеше 1,9 милијарди долари. И надворешноста на куполата, според многумина, изгледа привлечно и спектакуларно, но главната атракција е всушност нејзината внатрешност. Можеби најзанимлив елемент е внатрешниот „16К-ЛЕД“ екран што го опкружува просторот. Зданието е наменето „за забава во живо со затворен екран“ и има за цел – ново ниво во концертните искуства и кино-ефектите.
Џејмс Долан и Дејвид Дибл од „МСГ“ за списанието „Ролинг стоун“ изјавија дека целта е да се создаде виртуелно-реално искуство „без очила“. Дел од куполата е и уникатен систем од 164.000 звучници, што ќе може да издвои одредени звуци, или дури и да ги ограничи на делови од публиката. Така, на пр., еден дел од публиката ќе може да слушне дијалог само на шпански јазик.
Како и 4-Д киното, и „МСГ сфер“, т.е. околу 10.000 седишта ќе имаат „сетилни ефекти“, како што се тн. хаптика (виртуелен допир), ладен и топол ветер, како и ефектите на мириси. Во случај на „виртуелно патување“ на Арктикот, на пр., така, додека трае содржината ќе се почувствува и студот.
„МСГ сфер“ официјално ги отвора вратите на 29 септември. Ирската рок-група „Ју-ту“ ги почнуваат своите 25 настапи во своја продукција, а сите тие се веќе распродадени.
Што по концертите на „Ју-ту“ – засега сѐ уште не се знае, но можно е во куполата да се одржуваат и турнири во е-спорт и боречки вештини.