НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ се појавуваат се повеќе видеа од фестивалот Burning Man кој Американците го нарекоа „национална катастрофа“ откако 73.000 посетители останаа заробени во пустина поради дождот и калта што настана, а според последните информации едно лице умрело.
„Хаос е, цела ноќ врне дожд, престана можеби пред еден час. И, никој никаде не оди. Санитарните јазли се поплавени, а јас не можам да ги добијам службите овде да го испразнат… Оваа кал е толку леплива, специфично е, се лепи за чевлите. Чизмите ви стануваат двојно потешки“, објасни еден посетител на TikTok и ја сними моменталната ситуација на фестивалот.
Се огласија и некои познати имиња како комичарот Крис Рок, кој објави видео од калта.
Се движат само возила за итни случаи
Според американските медиуми, на посетителите им било кажано да останат во камповите и да чуваат храна и вода откако дождот го претвори целиот фестивал во куп кал. „Движењето е дозволено само со возила за итни случаи. Доколку сте во градот Блек Рок, засолните се во вашето место и останете безбедни“, велат организаторите, додавајќи дека евакуацијата може да потрае некое време.
Поради вонредните временски услови, проблем имаше и со празнењето на тоалетите поставени во фестивалскиот камп, поради што целото искуство забрзано се претвора во (смрдлива) ноќна мора. Голем број посетители немаат ниту сигнал на своите мобилни телефони.
Фестивалот требаше да трае до понеделник, но до недела се очекуваат нови врнежи, па не се знае што ќе биде со фестивалот и посетителите. Програмата, се разбира, засега е прекината. Инаку, проблеми со фестивалот имаше уште на самиот почеток, поради ураганот Хилари.