Се подготвува „кинески шок“?

Кина би можела повторно да ги преплави странските пазари со евтина стока.

Кина го удвојува извозот за да го заживее економскиот раст и светот повторно би можел да доживее „кинески шок“ кога пазарите се преплавени со евтини стоки од оваа земја, пишува „Волстрит журнал“ (WSJ).

Кинеските фирми се поддржани со евтини државни заеми, а фабриките произведуваат повеќе автомобили, машини и електроника за широка потрошувачка отколку што може да апсорбира локалниот пазар.

WSJ потсетува дека кон крајот на 90-тите години на минатиот век, Соединетите Американски Држави и светската економија доживеаја „кинески шок“, односно рекорден увоз на кинески стоки по поволни цени за потрошувачите.

Увозот на стоки од Кина помогна да се задржи инфлацијата на ниско ниво, но во исто време доведе до губење на работни места во локалното производство и затворање на цели фабрики.

Првиот „кинески шок“ ги намали цените на стоките во САД, но од 1999 до 2011 година предизвика повеќе од два милиони луѓе да ги загубат своите работни места бидејќи производителите на мебел, играчки и облека не успеаја да се справат со конкуренцијата.

Според економистите, ситуацијата сега може да биде уште покомплицирана бидејќи Кина може да го преплави пазарот со високотехнолошки производи по ниски цени.