СЗО: Во насилствата во Судан 270 загинати и 2.600 повредени лица

Во насилствата што од саботата избувнаа во Судан веќе се загинати 270 лица, а 2.600 се повредени, наведува Светската здравствена организација (СЗО), јави ДПА.

„Ги осудувам сите загуби на животи и ние солидарно стоиме со нашите браќа и сестри во #Судан“, изјави денеска на Твитер генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус

Помошта што СЗО ја дистрибуираше до здравствените установи пред борбите сега е потрошена. Бидејќи борбите сè уште траат, беше невозможно да се организираат дополнителни резерви. Болниците во главниот град Картум немаат доволно материјал за лекување на повредените, наведе Тедрос.

„Има вознемирувачки извештаи за ограбување на некои здравствени установи, а други користени за воени цели“, рече тој , пренесе германската агенција.

Лидерот на СЗО повика на неограничен пристап до здравствените установи и ги повика одговорните да „работат за мирот“.

Двајцата најмоќни генерали во земјата и нивните ривалски единици од саботата се борат за превласт во земјата. Двајцата генерали ја водеа оваа североисточна африканска земја со околу 46 милиони жители од заедничкиот воен удар во 2021 година, потсети ДПА.