Светската здравствена организација (СЗО) повика на безбедносни гаранции за испорака на медицинска помош до клиниките во Газа.
Главниот кризен менаџер на СЗО, Мајк Рајан денеска во Женева изјави дека транспортот на хуманитарна помош на палестинската територија е попречен од завојуваните страни, бидејќи е речиси невозможно да се добијат безбедносни гаранции од нив.
– Ми здодеа да ги слушам сите овие уверувања кои всушност не постојат на терен за луѓето со кои работиме, рече Рајан. Тој, исто така, нагласи дека СЗО не знаела за бази на Хамас во болниците во Газа.
Иако СЗО е во близок контакт со медицинскиот персонал на теренот, она што може да се случува под овие клиники не ѝ е познато на СЗО, призна Рајан.
Доколку болниците во Газа бидат евакуирани на барање на Израел, Израел, како окупаторска сила, ќе мора да го олесни безбедниот транспорт на пациентите до центрите за алтернативен третман во координација со одговорниот здравствен орган, нагласи Рајан.
Во меѓувреме, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус повика на прекин на огнот и рече дека од одговорот на Израел на нападите на Хамас на 7 октомври, 218 здравствени установи и персонал во палестинските области биле нападнати.
– Ситуацијата во Газа е неопислива. Болници преполни со повредени, мртовечници преполни, лекари кои вршат операција без анестезија, илјадници луѓе кои бараат засолниште од бомбардирањето, семејства во преполни училишта, очајни за храна и вода, преполни тоалети и ризик од ширење на епидемии на болести. И насекаде страв, смрт, уништување, загуба, рече Гебрејесус