Силен земјотрес на Филипините, има и жртви

Маж и жена загинаа кога врз нив се урна бетонски ѕид

Бројот на жртвите во земјотресот со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала што во петокот го погоди јужниот дел на Филипините се искачи на шест, а властите трагаат по уште две лица кои се уште се водат како исчезнати.

Епицентарот на земјотресот бил во близина на брегот на островот Минданао, на длабочина од 60 километри, соопшти германскиот центар за геолошки истражувања, пренесува Ројтерс.

Маж и жена загинаа кога врз нив се урна бетонски ѕид, додека една жена загина во трговски центар. Најмалку две лица загинаа во лизгање на земјиштето предизвикано од земјотресот.

Не е издадено предупредување за цунами, а струјата е вратена. Повеќето локални патишта се проодни, рекоа властите, додавајќи дека некои куќи и згради претрпеле помали оштетувања.