Силни експлозии во Киев и други украински градови по руските ракетни напади

Русија утринава изврши нов ракетен напад врз Киев и други украински градови, соопштија од украинските воздухопловни сили.

Едно лице го загубило животот на југот на земјата, додека во главниот град биле активирани системите за противвоздушна одбрана, каде се слушнале неколку експлозии, пренесува Гардијан.

Две силни експлозии се слушнале во центарот на Киев околу 7 часот наутро, а уште најмалку две 45 минути подоцна, објавија киевските медиуми.

Еден од новинарите слушнал дека противвоздушната одбрана истрела неколку ракети и бил сведок на една од експлозиите,

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека се активирани системи за противвоздушна одбрана и ги повика луѓето да останат во нивните засолништа.

Тој рече дека подоцна лекарите интервенирале и лекувале повредено лице во областа Днипро. Во некои делови од градот е исклучена и електричната енергија поради штети предизвикани од фрагменти од ракети.

Во ракетен напад во јужниот град Миколаев загина едно лице, десетици се повредени и оштетени се најмалку 20 станбени згради, изјави градоначалникот на градот, Олександр Синкивич.

„Има оштетени станбени објекти. Дваесетина од нив се без покрив. Веќе се санираат оштетувањата на мрежите за гас и водовод. Има повредени. Едно лице е хоспитализирано. На другите им е укажана помош на лице место“, напиша тој на Телеграм, додавајќи дека хоспитализираниот починал подоцна.