Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој е и врховен командант на војската, денеска назначи нов шеф на вооружените сили кои ги контролираат конвенционалните и нуклеарните ракети на земјата, еден ден пред годишнината од основањето на Народноослободителната армија.
Ванг Хоубин, поранешен заменик-командант на морнарицата, е назначен за нов шеф на Ракетните сили на Народноослободителната армија на Кина (ПЛА), а Сиј Сишин за нивен нов политички комесар, при што и двајцата се унапредени во највисокиот чин генерал, јавија кинески медиуми.
Пред неговиот трансфер во ракетните сили на ПЛА, Ванг служеше како заменик командант на поморските сили од 2020 година. Пред тоа беше и заменик началник на поморскиот штаб.
Пред назначувањето објавено денеска, Сиј беше заменик политички комесар на една од петте команди на ПЛА.
Новите именувања се извршени еден ден пред 96-годишнината од основањето на Народноослободителната армија на Кина, што се слави на 1 август.