Словачка ќе формира влада со екстремната десница

Претседателот на партијата СМЕР-ССД, Роберт Фицо, победник на парламентарните избори во Словачка, изјави дека е постигнат договор со екстремно десничарската партија СНС и левичарската партија ХЛАС-СД за формирање на идната владина коалиција.

„Се договоривме за заедничко формирање влада. Тоа е основата на коалицискиот договор што сакаме да го склучиме што е можно поскоро“ изјави Фицо.

Неговата партија СМЕР-ССД освои 23 отсто од гласовите на изборите на 30 септември. По нив следи либералната Прогресивна Словачка (ПС) со 18 отсто, а трета е партијата ХЛАС-СД на поранешниот премиер Петер Пелегрини.

СМЕР-ССД ја засноваше својата кампања на ветувањата дека ќе ја прекине воената помош за Украина. Фокусот на кампањата на Фицо беше и противењето на илегалната миграција, критикувајќи ја преодната влада дека не направила повеќе и дека не ги суспендирала шенгенските правила за „отворени граници“.

Ден по изборите, Фицо рече дека Словачка има „поважни проблеми“ од помагањето на Украина.

„Сметаме дека Украина е огромна трагедија за сите. Ако СМЕР биде задолжена за формирање влада… ќе направиме се што можеме за да организираме мировни преговори што е можно поскоро“, рече тој.