Смртна казна: Каде ја има и кога последен пат била извршена во регионот

Масовното убиство во основното училиште Владисав Рибникар во Белград ја актуелизираше дебатата за смртна казна во Србија. Политичките претставници на највисоко ниво ги искажаа нивните ставови за оваа тема. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на премиерката Ана Брнабиќ и предложил враќање на смртната казна, но Брнабиќ тоа го одбила со образложение дека во тој случај Србија заедно со Белорусија би била единствената земја во Европа во која постои смртната казна.

Во меѓувреме Амнести Интернешнл излезе со извештај за изречените и извршените смртни казни во светот во 2022 година. Во продолжение прочитајте ги податоците од оваа меѓународна организација за смртните казни како и анализата на ТРТ Балкан за тоа кога биле изречени последните смртни казни во земјите од Западен Балкан.

Зголемен број извршени смртни казни

Во последниот извештај Амнести Интернешнл информира за 883 егзекуции што биле извршени во 2022 година низ светот како последица на смртна казна. Тоа претставува зголемување од 53 отсто во однос на 2021 година кога биле извршени 579 смртни казни.

Речиси 900 смртни казни во 2022 година биле извршени во 20 земји. Дури 90 отсто од нив биле извршени во три земји. Во Иран биле извршени најмногу-576, во Саудиска Арабија-196 и во Египет-24. Како што се наведува во извештајот на Амнести Интернешнл, вкупниот број на егзекуции не ги вклучува оние за кои се верува дека биле извршени во Кина.

„Бројот на егзекуции во 2022 година достигна највисоко ниво во последните пет години, а за тоа во најголем дел придонесоа земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде владееше смртоносно лудило. Иако не го знаеме точниот број на егзекуции во Кина, таа земја несомнено е лидер по бројот на егзекуции”, се вели во извештајот.

Смртна казна не постои во земјите од Западен Балкан

Смртната казна не постои во ниту една држава на Западен Балкан. Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија имаат различна историја кога е во прашање укинувањето на смртната казна или кога последен пат била извршена.

Смртната казна последна беше укината во Босна и Херцеговина, односно ентитетот Република Српска во 2019 година. Уставниот суд ја укина казната бидејќи не беше во согласност со уставот на БиХ.

Во Северна Македонија последната смртна казна е извршена во 1987 година. Осуден бил жител на селото Зајас во близина на Кичево. Тој ја задавил и ја силувал сопствената ќерка па го запалил телото надевајќи се дека така ќе ги прикрие трагите. Во 1991 година со првиот македонски Устав по независноста смртната казна е укината.

Во Албанија последен пат се разви јавна дебата за повторно воведување на смртната казна во 2021 година. Причина беше грозоморното убиство во близина на Фиер кога жител на селото Грицал го киднапирал и со удари со лопата во главата го уби синот на неговите соседи. Премиерот Еди Рама се спротивстави на повторното воведување на смртната казна. Последен пат во Албанија била извршена во 1992 година.

Последната смртна казна на Косово се врзува со периодот на поранешната СФРЈ. Во Косово смртната казна е укината во 1999 година.

Врховниот суд во Србија во 1989 година донел одлука дека жител на селото Каравуково треба да биде стрелан поради силување и убиство на девојче од истото село. Казната од страна на стрелачкиот вод на Окружниот суд во Сомбор била извршена во 1992 година. По 1992 година во тогашната Сојузна Република Југославија бил воведен мораториум за смртната казна.

Во 2001 година во Црна Гора биле изречени последните две смртни казни, но не биле извршени. Ваквиот начин на казнување бил укинат во 2002. Во 1981 година била спроведена последната смртна казна во оваа земја. Тоа се случило во Котор каде за убиство и силување на девојче, осуденик бил егзекутиран со стрелање.