СМРТОНОСНА ГАБА СЕ ЗАКАНУВА НА СВЕТОТ: Најлошото е што развила отпорност на лекови

Габата е вид на квасец кој може да предизвика сериозни болести кај луѓето и лесно може да се шири меѓу луѓето во здравствените установи

Габата е отпорна на некои антифунгални третмани, што значи дека лековите дизајнирани да ја убијат габата и да ги запрат инфекциите не делуваат на неа.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) сподели мапа на која е прикажано алармантно ширење на смртоносната габа Candida auris низ САД, пишува The Mirror.

Бројките од јануари до декември 2022 година покажуваат дека имало 2.377 клинички случаи и 5.754 случаи на набљудување во Соединетите држави во таа временска рамка.

Има високи нивоа на случаи во многу американски држави. Калифорнија, Невада, Тексас, Илиноис, Њујорк и Флорида во моментов имаат стотици случаи на габа. Вообичаено, габата се појавува од локално ширење „во и меѓу здравствените установи“.

Во меѓувреме, Аризона, Ново Мексико, Колорадо, Луизијана, Мисисипи, Алабама, Џорџија, Тенеси, Кентаки, Вирџинија, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Мичиген, Ајова, Висконсин, Минесота и Масачусетс исто така имаат случаи на кандида аурис во нивната држава. Меѓутоа, неколку држави не пријавиле ниту еден случај до денес.

Одделот за микотични болести на ЦДЦ, кој ja опишува Candida auris како сериозна глобална здравствена закана, го следи ширењето на габата.

Ова е направено за да се процени ефективноста на нивните превентивни стратегии и да се користи како основа за идни третмани за јавно здравје.

Првиот познат случај во Соединетите Држави беше во 2013 година, а овие броеви на случаи, доставени до ЦДЦ од локалните и државните здравствени власти, се вклучени во мапата.

– Габата може да предизвика инфекции на различни делови од телото, како крвотокот, отворени рани, уши,… Симптомите зависат од локацијата и тежината на инфекцијата. Симптомите може да бидат слични на оние на инфекција предизвикана од бактерии. Според ЦДЦ, нема заеднички збир на симптоми специфични за инфекција.

Инфекцијата со оваа габа може да доведе до смрт. Сепак, многу пациенти кои развиваат кандида аурис обично се веќе многу болни, што го отежнува да се знае колку оваа габа придонела за нивната смрт.