Собрани над 7 милијарди евра за поддршка на Турција и Сирија

На Меѓународната донаторска конференција на Европската унија (ЕУ) собрани се повеќе од седум милијарди евра (7,5 милијарди долари) за поддршка на Турција и Сирија по минатомесечните силни земјотреси, пренесе ТРТ Балкан.

„Вкупните ветувања изнесуваат 7 милијарди евра“, објави шведскиот премиер Улф Кристерсон на крајот на Меѓународната донаторска конференција „Заедно за народот на Турциха и Сирија“.

Кристерсон рече дека собирањето на средствата ја постигна својата цел. Домаќини на настанот беа Европската комисија и Владата на Шведска, која од 1 јануари го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен ги поздрави резултатите на конференцијата.

„Ви благодарам многу што им покажавте на луѓето во Сирија и Турција дека не се сами, дека сме тука да помогнеме“, рече таа.

Европската комисија вети милијарда евра за обнова во Турција и дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарната помош и опоравување во Сирија. Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Турција на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија јужна Турција се искачи на 50.096, потврди Управата за вонредни ситуации (АФАД), а повредени се 107.204 лица.

Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.

Во соседна Сирија загинаа најмалку 4.500 лица, а повеќе од 8.700 се повредени.