СОЗР: Се воспоставува механизам за строга контрола на сите службени трошоци

Од Службата за општи и заеднички работи денеска информираа дека во последните шест месеци се преземени активности за надминување на состојбата што ја затекна претходното раководство.

Како што се наведува во соопштението, воведен е механизам за строга контрола на сите службени трошоци за намалување на непродуктивните патувања во однос на одговорно трошење и планирање на јавните средства.

„СОЗР за кратко време стави крај на неконтролираното работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и грицки за потребите на државните органи, ги зголеми цените на угостителските услуги во државните објекти, со што привилегиите за избраните функционери застарија и во завршна фаза е и процедурата да се стави крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку подготовка на посебниот регистар и унифицирање на службените возила“, велат од СОЗР.

Според директорот на СОЗР, Ивица Томовски, пронајдени се запуштени објекти во сопственост на државата и се преземаат активности за надминување на состојбата.

Како што информира СОЗР, направен е анекс на проектот за реконструкција на палатата АСНОМ, се преземаат мерки за ревитализација на комплексот „Македонско село“, а се реконструира и Клубот на пратеници.

„СОЗР во моментов ги анализира условите за изградба на втората фаза од жичарницата, од црквата „Св. Јован“ во Капиштец до Водно, како и за проширување на објектите на Факултетот за физичка култура и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамки на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина“, велат од СОЗР.