Советот на јавни обвинители денеска ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што образложи претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, која ја предложи Симовска, се работи за јавен обвинител со долгогодишно искуство во јавното обвинителство.
– Соња Симовска е докажана како добар јавен обвинител кој со оглед на искуството може успешно да ја извршува функцијата, рече таа.
Симоска започнува како приправник и стручен соработник во ОЈО Скопје, потоа станува обвинителка во истото обвинителство. Од 2009-2022 година таа е јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, а од 2022 е јавен обвинител во Државното јавно обвинителство. Таа е и едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители од нејзиното основање, и е член на Програмскиот совет на академијата.
На денешната 93 седница на Советот на јавни обвинители Симовска беше избрана едногласно, а на функцијата вршител на должност може да остане до шест месеци.
Мандатот на актуелниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески му истекува на 25 декември, а постапката за избор на негов наследник е во тек. Симовска ќе биде на оваа функција до изборот на новиот републички јавен обвинител.
– За вршител на функцијата јавен обвинител може да биде определен еден од јавните обвинители, кој што е од редовите на Јавното обвинителство на РСМ. Еден од нив е и Соња Симовска. Ние како членови на Советот ги познаваме јавните обвинители и ја следиме нивната работа. Од сите податоци, кои што се достапни за јавниот обвинител Соња Симовска, од личното познавање на членовите на Советот, како и на јавните обвинители се доби впечаток кај сите членови на Советот дека истата успешно ќе ја извршува оваа фунција до именување на јавен обвинтел, со оглед на нејзиното долгогодишно искуство и докажаните резултати од работата, појасни Димитриеска.
На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
Владата, на седница на 19 декември донесе одлука да достави писмо до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, со барање писмено мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието. Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.