Со одлука на Владата разрешениот директор на Центарот за социјална работа во Радовиш се враќа на работното место

Откако техничкиот министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Велковски го разреши директорот на Центарот за социјална работа во Радовиш, Александар Филев, Владата ја укина одлуката и сега Филев се враќа на директорската позиција.

Од кабинетот на министерот соопштија дека директорот е разрешен поради сериозно нарушување на угледот на институцијата. Оттаму додаваат дека Филев минатиот месец бил уапсен поради агресивно однесување кон полицајците пијан, додека претходно бил уапсен за нелегална трговија со дрога.

Според министерот Велковски, одлуката на Владата е нелогична и неморална. Од друга страна, според дополнителниот заменик министер за труд од редовите на СДСМ, Јована Тренчевска, разрешувањето на директори со еднострана одлука за време на избори е незаконско дело.

„Законот за Влада предвидува дополнителниот заменик министер заедно со министерот да ги прегледува и потпишува сите акти и документи, а доколку тоа не се направи таквите акти и документи не даваат правно дејство“, соопштија од кабинетот на Тренчевска.