– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети граничниот премин Пелинце и реновираниот објект на полициската станица. Објектот, кој е еден од 80-те, е реконструиран во пресрет на туристичката сезона, кога се очекува зголемен обем на работа. Целта е подобри услови за полициските службеници, но и подобра услуга кон граѓаните.
– Граничниот премин од денеска ќе функционира со две нови механички рампи со далечинско управување, нов канцелариски мебел, поставени се нови знамиња и јарболи, реконструиран е подот, електрична инсталација, што е значитална реконструкција во однос на условите од претходно. Објектот на полициската станица е преземен од Армијата во декември 2004 година, изјави Спасовски.
Тој информираше дека на овој граничен премин лани влез и излез оствариле 194 435 патници, од кои само во туристичката сезона поминале 145 940 лица.
-Од почетокот на годината до 16-ти месецов бројот на патници кои го поминале овој граничен премин е 30 609 лица и тука веќе е во очекување да се зголемува бројот на патници како наближува сезоната за годишните одмори. Моја лична заложба, но и на тимот со кој работам, еден од главните приоритети беше да се подобрат условите за работа на полициските службеници на тој начин и тие да бидат задоволни, но и граѓаните од остварување на своите права, дополни Спасовски.
Министерот истакна дека продолжуваат со мотото „МВР за граѓаните“, чија цел е полиција во служба на граѓаните, гарант на нивната безбедност и сигурност.
Реконструкцијата на објектот во Пелинце е со донација на Меѓународната организација за економски развој во соработка со македонското полициско здружение ИПА Македонија, национална секција Северна Македонија и ИПА Регион Скопје. Здружение на полициски работници, поранешни вработени во МВР, припадници на безбедносните агенции со посебни полициски овластувања, како член на Меѓународната полициска асоцијација. Донацијата е во вредност од околу 617.000 денари.