Спасовски за можноста да се кандидира за претседател: Тоа се партиски работи, кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став

Прашањето за претседателски кандидат на СДСМ на претстојните избори за претседател на државата, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, е партиска работа, за кое, вели дека ќе го каже својот став кога ќе дојде моментот за тоа.

Прашан дали ќе се кандидира за претседател, Спасовски, по денешната работната средба со раководствата на СВР Куманово, СВР Тетово и РЦ Север, рече дека тоа „не се теми отворени, ниту пак теми за јавност и тука“.

– Тоа се партиски работи за кои што, кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став, рече Спасовски.  

Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, пред почетокот на вчерашната седница на Извршниот одбор на партијата, рече дека претседателскиот кандидат на СДСМ нема да биде на дневен ред, но нагласи дека претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ.

– Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ, како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат, рече Ковачевски.