Спасовски оствари средба со Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на покана на претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска и помошник министерот на Одделoт за граѓански работи, Џевдет Азизи, остварил средба во просториите на сојузот, на која, како што информира, било разговарано за полесен пристап, побрзо и поефикасно издавање на личните документи на пензионерите.

-Во таа прилика ги информиравме присутните дека иницијативата на МВР за отварање на пункт за издавање на лични документи е во финална фаза и истата во многу ќе го олесни процесот и ќе се избегнат досегашните проблеми. Имајќи предвид дека пензионерите се ризична целна група на население, вкупно 337.000 лица, тоа значително ќе придонесе за олеснување на добивањето на лични документи, особено за Скопје, каде има 90.000 пензионери, напиша Спасовски, на Фејсбук.

Додава дека во тек е подготовка на пункт без пријавување во спортската сала на Полициската Станица „Пролет”, каде има 10 работни позиции за спроведување на процедурата.

-Во моментот се поставуваат праваните и чекалната. Системот ќе овозможи по 100 лица во час да бидат опслужени. Воедно, информирав дека сите пензионери кои се во групни домови ќе имаат можност за сликање со мобилна станица за лични документи, информира министерот.

Во однос на барањето за трајна лична карта, истакнал дека веќе е сменет законот на 05.10.2023 година и таа работа е завршена нормативно.

-За сите прашања на пензионерите ја имаат мојата поддршка, да бидеме солидарни во однос на доближувањата на пензиите – наша цел е да креираме политики и решенија кои значат подобрување на животниот стандард и заштита на правата и интересите на пензионерите. На мое големо задоволство, од страна на претседателката Трајкова беа упатени пофалби до службите на македонската полиција во однос на гарантирањето на демократското право на протест без инциденти, со заштита на имотот на здруженијата, а воедно и за бројните реализирани превентивни активности од страна на секторите за внатрешни работи на разни теми како насилство, кражби итн, стои во објавата.