Средба Пленковиќ-Брнабиќ: Преку дијалог градење пат кон иднината

 – Премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, и премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, денес во Загреб остварија билатерална средба, а потоа учествуваа на Големото собрание на Српскиот национален совет (СНВ) во концертната сала „Ватрослав Лисински“.

„Преку дијалог треба да продолжиме да ги решаваме отворените прашања и да ја унапредуваме економската, транспортната и енергетската соработка. Водиме грижа за заштита на хрватското малцинство во Србија, како и на српското малцинство во Хрватска“, напиша хрватскиот премиер Пленковиќ на Твитер по состанокот со Брнабиќ во „Бански двори“.

Во обраќањето Пленковиќ порача дека преку вакви средби ќе се решат прашањата што се наталожени во изминатите години меѓу двете земји „со одговорност и сила дека овие прашања може да се решат заеднички, за доброто на српското малцинство во Хрватска, хрватското малцинство во Србија и за доброто на меѓусебните односи“.

„Хрватска денес со сите стратегиски решени прашања има сила да ги реши сите отворени прашања со сите свои соседи, има сила дополнително да придонесе за поквалитетна положба на малцинствата во Хрватска“, изјави Пленковиќ на Собранието на СНВ.

Хрватскиот премиер укажа на многубројните вложувања преку оперативните планови за Србите и останатите малцинства во Хрватска, истакнувајќи дека често тоа е модел за голем број други земји во решавањето на прашањата на малцинските заедници.

На Големото собрание на СНВ, претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, на присутните им ги пренесе поздравите на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Брнабиќ истакна дека односите меѓу Хрватска и Србија се оптоварени со „голем број прашања, недоразбирања, несогласувања, длабоки рани и голема недоверба“.

„Ниедна наша посета на Загреб или кое било место во Република Хрватска или која било посета на хрватски претставници на Србија, официјална или неофицијална, не е само обична посета туку и нешто повеќе од тоа, па така и мојата денешна посета. Мојата основна порака денес, со огромна благодарност до Српскиот национален совет за сѐ што направивте, ова да не биде баш така, е дека ние сакаме да бидат само обични посети, да бидат почести, поредовни и секоја од тие посети да не биде симбол, секако не негативен или непријателски, туку нормален работен ден што ќе го искористиме за да разговараме за сите отворени прашања на што порационален начин и за теми што се важни за иднината и за сите наши граѓани и за целата наша економија“, порача Брнабиќ од говорницата.

Со присуство на високи делегации од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, ентитетот Република Српска, на четвртото Големо собрание на СНВ се собраа избрани советници и nad 1.500 претставници на српското национално малцинство од над 150 општини, градови и жупании, како и претставници на сите релевантни организации на српската заедница во Хрватска и на институциите за заштита на човековите права.