– Српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ денес до Вишото јавно обвинителство во Белград поднесе кривична пријава за тероризам против Милан Радоичиќ, организатор на парамилитарната организација што учествуваше во вооружениот судир во селото Бањска во Косово, и за уште најмалку 30 НН лица.
Стојковиќ додаде дека во пријавата, поради тероризам во помагање, се опфатени и НН лица од Министерството за внатрешни работи, вработени во Копнената зона за безбедност, НН лица вработени на високи функции во безбедносната структура на Србија.
Тој, на прес-конференцијата по поднесувањето на кривичната пријава, истакна дека нема никакво сомнение дека парамилитарната организација е вооружена со големо количество илегално оружје, кое инаку може да го поседува само Војската на Србија и според законите на Србија е терористичка организација.
Стојковиќ оцени дека нема сомнение ни дека конвој со повеќе од 20 возила преполни со оружје може да помине „некоја граница, а особено најчуваната граница со Косово, односно Копнената зона на безбедност“ без дозвола на властите во Србија.
Стојковиќ праша што ќе се случи ако поради пасивноста и инертноста на Србија, која одбива да ја апси таа парамилитарна организација, по ист принцип почнат да се вооружуваат некои други малцински групи во Србија „и да прогласат дека српскиот претседател Александар Вучиќ спроведува терор врз Бошњаците во Санџак, над Албанците во Прешевската Долина, над Унгарците во Војводина или над Србите во Белград“.
Тој оцени дека времето на парамилитарните воени формации е умрено со поранешниот претседател на Србија и Југославија, Слободан Милошевиќ, и нагласи дека тоа време не смее да се врати.
Стојковиќ истакна дека со пуштањето на Радоичиќ на слобода, Србија „односно Александар Вучиќ, кој го контролира и има значително влијание врз правосудството во Србија, ѝ пикна прст во око на целата меѓународна заедница, особено на Европската Унија и Соединетите Американски Држави“.
„Ова што сега се случува е исто што се случуваше во Србија и Југославија на почетокот на 1990-тите години. Белград и тогаш формира парамилитарни групи, а една од нив беше формирана и од Воислав Шешељ, политичкиот татко на Александар Вучиќ. Ние знаеме од каде доаѓа таа мантра и тој метод што е испробан во Босна и Херцеговина“, заклучи Стојковиќ.