,,Стар, богат, тврдоглав, опасен”: Министерот за надворешни работи на Индија жестоко го критикуваше Џорџ Сорос

Индискиот министер за надворешни работи Субрамањам Џаишанкар денеска изјави дека е потребна дебата за демократијата и ја отфрли изјавата на унгарско-американскиот инвеститор Џорџ Сорос дека индискиот премиер Нарендра Моди не е демократ.

Џаишанкар рече дека Сорос е стар, богат, тврдоглав и опасен и не може да го препознае тешкиот пат на Индија уште од колонијалните времиња.

Во говорот пред Минхенската безбедносна конференција, Сорос го критикуваше индискиот премиер, тврдејќи дека Индија е демократска држава, но дека Моди не е демократ.

Џаишанкар рече дека индиските гласачи одлучиле како треба да функционира земјата и дека Њу Делхи ги знае опасностите од надворешно мешање бидејќи Индија помина низ колонијализам, објави Ројтерс.

„Тоа нè загрижува. Ние сме земја која помина низ колонијализам, ја знаеме опасноста што се случува кога има странско мешање“, додаде шефот на индиската дипломатија.

Според него, изјавите на Сорос се типични за евроатлантскиот поглед на светот, поради што е потребна дебата за демократијата, бидејќи светот е сè помалку евроатлантски.

„Тој е стар, богат, тврдоглав и опасен, бидејќи она што се случува е дека кога таквите луѓе и таквите идеи и таквите организации инвестираат ресурси, тие ги обликуваат наративите“, додаде Џаишанкар.