Стефан Богоев: “Приоритет е модернизација на ГП Богородица и подобрување на условите за протокот на стока и патници“

Модернизацијата на граничниот премин Богородица, како и олеснување на царинските формалности за увоз и извоз на стоки преку овој премин, беа едни од суштинските теми на кои се разговараше при денешната посета на директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и неговиот заменик Муарем Асани на граничниот премин Богородица.

Ова е еден од најфреквентните гранични премини, кадешто проток на патници значително се зголеменува за празници и во сезоната на летни одмори, при што сите ленти и на влез и на излез непречено функционираат.

„Во следниот период приоритет ќе биде модернизација подобрување на инфраструктурата на преминот во рамки на надлежностите на Царинската управа и изнаоѓање на решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, вели Богоев.

За време на посетата се одржа средба и со царинските службеници, каде што директорот Богоев истакна дека во следниот период во фокус на неговите заложби ќе биде посветеноста на борбата против нелегалната трговија и корупцијата, како и соработката со сите гранични институции со цел олеснување на трговијата и забрзување на протокот.

„Продолжуваме во насока на исполнување на целите во рамки на приоритетите на Царинската управа, со поддршка на Владата и меѓународните партнери, како и следење на светските стандарди на патот кон интеграција со Европската унија“, истакна Богоев.

СООПШТЕНИЕ – Царинска управа.