Стоилковски: Заради договорот со „Бехтел и Енка“ ќе се плаќаат 100-тици милиони евра пенали

Тоа што Артан Груби се восхитува Александар Вучиќ и на Република Србија, не му дава за право да менува факти, да манипулира и да лаже.

Прво, Србија распиша тендер за автопат за којшто ги споредува Груби двата договори, и овозможи експропријација и т.н. „брза трака“ за документи.

Но, не и промена на закони спротивно на Устав, не изедначува на легалното со дивоградбите, нема газење врз археолошки локалитети, и секако НЕ СО ПЕНАЛИ од над 100-тици милиони евра! И секако, со позната траса, со познат проект, без газење на законите за урбанизам и за градење!

Автопат во Србија, 112 км, широк 30 метри, со 139 објекти на него, 84 моста, 26 надвозници, 3 подвозници, 10 раскрсници познати како петљи, по три одморалишта и паркинзи. Но и регулација на реката Морава и нејзините притоки, и изградба на телекомуникации по самиот автопат.

Сето тоа, по 7 милиони евра по километар во Србија, а во договорот на Груби по 20 милиони евра за Македонија со многу помалку ставки!

Толку од споредбата со Србија, идеалот на Артан Груби!

Артан Груби признава дека по штетниот договор потпишан од крими владата на ДУИ и СДС, ќе се плаќаат пенали во вредност од 100-тици милиони евра!

Потпишаа договор без национален легитимитет и консензус, сега Груби вели ништо немало да ги спречи, а тоа ќе чини дополнителни 100-тици милиони евра затоа што проектот ќе се продолжел за уште две години, заради непроменети закони!

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ по вака потпишан договор има две опции:

Првата, е да се раскине договорот, пред судот во Париз да се изгуби по прифатените закони на Англија и Велс. Тоа ќе чини стотици милиони евра штета, но без квадрат поставен асфалт!

Втората, да се зачува суверенитетот, да се зачува Уставот и законите и автопатот да се заврши во рамки на македонските закони и македонските процедури! Така би се продолжило времето на изградба, но и сумата, заради катастрофалниот договор и обврските преземени од крими владата на ДУИ и помалиот партнер СДС.

ВМРО-ДПМНЕ има план како сето тоа да го надомести.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски по прес конференцијата од медиумите беше запрашан за утрешниот обид за избор на претседател на судскиот совет и кој е ставот на партијата.

„За состојбите во судството и во обвинителството директно виновна е Владата на ДУИ и помалиот партнер СДС. Мафијата на власт си најде чираци во судството и во обвинителството за да им се амнестира криминалот. Шест години велеа дека ќе направат реформи и реизбори, дека ќе правеле поинакво судство. А, денес креваат раце од сето тоа“, нагласи Стоилковски.

Стоилковски посочи дека раководството во судствата и обвинителствата се нивни, односно на ДУИ и СДС. Ова што се случува е вандализам, багабонтство и процес кој што не само што ја срами Македонија туку е процес кој што нанесува трајни штети и последици пред меѓународни партнери. Партиски кланови се борат кој да биде претседател, па кој потоа да биде избран за судија, тоа е едно девалвирање, вандализам и багабонтство на отворена сцена пред македонската и меѓународната јавност.

„Ова дури и на држави со авторитарни апсолутистички режими не им е пракса. И затоа велиме што побрзо избори, за вакви сцени да не гледаме се повеќе и повеќе“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.