Столтенберг: Поддршката од НАТО за Украина не е само на зборови, туку и на дела 

– Повеќе од 50 земји, вклучително и сите сојузници на НАТО, се фокусираат на обезбедување на најнеопходните потреби на Украина, во услови кога Русија ги засилува нападите врз украинската инфраструктура и повторно се подготвува да ја искористи зимата како оружје, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на вечерашната прес-конференција на крајот од првиот ден на состанокот на министрите за одбрана на членките на Алијансата во Брисел.  

– Затоа, уште поважно е да ја засилиме и да ја одржиме нашата поддршка за Украина, потенцира Столтенберг. 

Тој информира дека Белгија и Данска ги потврдиле своите планови за испорака на авиони Ф-16 на Украина, Канада ќе донира зимска облека и опрема во вредност од десетици милиони долари, Германија објавила пакет помош од една милијарда евра, со фокус на противвоздушните системи Патриот и ИРИС-Т, Велика Британија ќе издвои над 100 милиони евра за зајакнување на противвоздушна одбрана, како и опрема за деминирање, а САД ќе обезбедат повеќе од 200 милиони долари артилерија и проектили. 

Како што јави дописникот на МИА од Брсиел, Столтенберг потсети дека една од, како што рече, историските одлуки на јулскиот Самит на Алијансата во Вилнус беше таа за „приближување на Украина до НАТО“. 

– Ја доведовме Украина на еден чекор до Алијансата, со отстранување на барањето за Акциски план за членство и договоривме програма за да ги направиме вооружените сили на Украина целосно интероперабилни со нејзините идни сојузници во НАТО. Денеска на Советот НАТО-Украина разговаравме за приоритетите на Украина на нејзиниот пат кон членство во НАТО, вклучувајќи и долгорочна интероперабилност и набавки за одбрана, додаде Столтенберг. 

Според првиот човек на Алијансата, модернизираниот одбранбен и безбедносен сектор на НАТО не само што ќе и помогне на Украина да победи, туку и ќе им обезбеди на Украинците да го одржат мирот и стабилноста. 

– Сојузниците ја поздравија континуираната борба на Украина против корупцијата, дури и во услови на бруталната војна на Русија. Исто така, јасно ставивме до знаење дека НАТО ќе ја засили поддршката за да и помогне на Украина да преброди уште една тешка зима. Ова вклучува обезбедување повеќе облека за студено време, можности за деминирање, гориво и медицинска опрема. Ова ќе им помогне на храбрите украински сили да се борат на студот и да продолжат да притискаат, додаде Столтенберг. 

Околу најавите од Москва за повлекување од Договорот за забрана на нуклеарни проби, Столтенберг истакна дека НАТО внимателно следи што прави Русија и засега нема индиции дека се прават некакви промени на нуклеарните постројки. 

– Руската најава за повлекување од Договорот за забрана на нуклеарни проби, е показател за руското непочитување на нејзините меѓународни обврски. Сојузниците од НАТО веќе 25 години не вршат нуклеарни проби и немаат во план одново да почнат со тестови, истакна Столтенберг, додавајќи дека Русија мора да знае дека никој не може да победи во евентуална нуклеарна војна. 

Според него, со ваквата нуклеарна реторика рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ги уценува сојузниците од НАТО и да ги натера да се откажат од поддршката на Украина, но, како што нагласи, нема да успее во тоа. 

На прашање дали ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток би можела да се одрази на поддршката за Украина, Столтенберг нагласи дека најавите за помош на земјата не се само зборови, тука НАТО тоа го реализира и на дело. 

– Убеден сум дека сојузниците од НАТО ќе продолжат со тоа, бидејќи тоа не е само наш безбедносен интерес, туку и затоа што Украина докажа дека нејзината борба е и наша борба, нејзината безбедност е и наша безбедност, нејзините вредности се и наши вредности. Затоа наш безбедносен интерес е да осигуриме дека поддршката за Украина ќе продолжи, истакна Столтенберг, додавајќи дека сојузниците имаат капаците да одговорат на повеќе предизвици во исто време, па и во случајот и на случувањата на Блискиот Исток и да го поддржат и Израел. 

Во однос на опасноста за проширување на конфликтот на Блискиот Исток, Столтенберг нагласи дека Израел има право на самоодбрана, посебно што се соочи со терористички напад со многу цивилни жртви, но израелскиот одговор мора да биде соодветен и да се спречи загуба на невини цивилни животи ако продолжи конфликтот. 

– Важно е што ниту една држава или организација непријателски настроена кон Израел, не се обиде да ја искористи сегашната ситуација, истакна Столтенберг.  

Во однос на инцидентот со подводниот цевковод во Балтичко Море, Столтенберг истакна дека НАТО е свесен за ранливоста на неговата критична инфраструктура и прави напори да ја заштити. Тој додаде дека Финска и Естонија ќе спроведат истрага за инцидентот и за резултатите од неа ќе го информираат НАТО, при што ако се утврди дека тој е намерно предизвикан, Алијансата ќе има жесток одговор. 

Тој најави дека утрешниот втор ден од министерскиот состанок ќе се разговара за плановите на НАТО за зајакнување на одвраќањето и одбраната, за мисиите и операции на Алијансата, за штетата на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море, како и за ситуацијата на Блискиот Исток.