Стотици израелски доселеници упаднаа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ за да го прослават Сукот

– Денес, втор ден по ред, стотици израелски доселеници насилно влегоа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим за да го прослават еврејскиот празник Сукот.

Сукот е еднонеделен празник, кој започна на 29 септември и ќе продолжи до 6 октомври, завршувајќи ја сезоната на еврејски празници што започна со одбележување на празникот Рош Хашана (Нова година) на 15 септември.

Во соопштението, официјален претставник на Одделот за исламски вакаф управуван од Јордан, рече дека стотици израелски доселеници чувани од израелската полиција насилно влегле во комплексот преку портата Ал-Муграби.

Доселениците ги опколија дворовите на џамијата и се обидоа да извршат „талмудски ритуали“, изјави службеникот за Анадолу барајќи анонимност бидејќи не е овластен да зборува со медиумите.

Одделот за исламски вакаф вчера соопшти дека речиси 860 доселеници упаднале во џамијата „Ал Акса“

Израелската полиција почна да им дозволува на доселениците упади во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во 2003 година и покрај постојаните осуди од Палестинците.

За муслиманите, „Ал-Акса“ претставува трето најсвето место во светот. Евреите, од своја страна, оваа област ја нарекуваат Планина на храмот, сметајќи го за место на два древни еврејски храма.

Израел го окупира Источен Ерусалим, каде што се наоѓа комплексот „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Во 1980 година го анектира целиот град, анексија што меѓународната заедница никогаш не ја призна.