СТРАВ ОД АКЦИЈА И НА КОРЕЈСКИОТ ПОЛУОСТРОВ – Јужна Кореја со драматично предупредување: “Постои можност за ненадеен напад од Северна Кореја во стилот на Хамас“

Началникот на Генералштабот на јужнокорејската Aрмија, Канг Шин Чеол, соопшти пред парламентарниот Комитет за национална одбрана дека Северна Кореја се подготвува за можност од ненадеен напад користејќи ја тактиката на палестинската група Хамас.

Според првичната проценка, ненадејната операција на Хамас беше успешна. Израел беше погоден од илјадници ракетни напади во краток временски период. Заштитниот ефект на Армијата беше минимален“, изјавил Канг Шин Чеол, пренесуваат странските медиуми.

Тој додал дека граничниот систем на Израел е неутрализиран и дека разузнавачките служби како Мосад не успеале да предвидат ненадеен напад.

Изненаден напад, користејќи тактики на Хамас, вклучително и диверзификација на методите на напад и искористување на ранливостите во напредните одбранбени системи е очекувано сценарио на кое Северна Кореја би можела да прибегне“, рекол Канг Шин Чеол, истакнувајќи дека Северна Кореја може да окупира гранична територија и да земе заложници за да поттикне преговори.

Канг Шин Чеол истакнал дека артилерија со долг дострел и беспилотни летала може да се користат против изненаден севернокорејски напад.

Тој нагласил дека единиците во кои може да се инфилтрира по копно, море или воздух, може да се елиминираат преку одбранбени системи на предната база, интегрирани одбранбени операции, сили за против-поморски специјални операции и заеднички операции за против-воздушна одбрана.

Тој исто така додал дека, дури и ако Северна Кореја нападне со голем број беспилотни летала, тие може да се идентификуваат и соборат преку заеднички операции за против-воздушна одбрана.

За потсетување, за време на средбата меѓу јужнокорејскиот претседател Мун Џе Ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на 19. септември 2018 година, беше потпишан воен договор за намалување на тензиите на полуостровот.

Оттогаш, немаше сериозни судири меѓу двете земји, освен во ноември минатата година кога Северна Кореја истрела проектил на населен јужнокорејски остров во близина на поморската граница.