Силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди регионот на полуостровот Алјаска, соопшти Геолошкиот институт на САД.
По земјотресот беше издадено предупредување за цунами во некои области на американската сојузна држава.
Земјотресот бил на длабочина од 9,3 километри.
Центарот за земјотреси во Алјаска соопшти дека потресите биле почувствувани низ полуостровот Алјаска, Алеутските острови и регионите на Кук.
Засега нема информации за жртви или повредени.
Алјаска е дел од сеизмички активниот огнен прстен на Пацификот. Беше погодена од земјотрес со јачина од 9,2 степени во март 1964 година, најсилниот досега регистриран во Северна Америка. Го опустоши Енкориџ и предизвика цунами што ги погоди Заливот на Алјаска, западниот брег на САД и Хаваите. Во земјотресот и цунамито загинаа повеќе од 250 луѓе.