Олимписките и параолимписките комитети на нордиските земји се приклучија денеска кон сè поголемиот број држави кои официјално се противат на идејата на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да се изнајде модел што би овозможил настап на руски и белоруски спортисти на Игрите во Париз идната година.
„Сега не е вистинското време да се разгледува нивно враќање, тоа е нашиот став. Ние, нордиските олимписки и параолимписки комитети, ја користиме оваа прилика уште еднаш да го поддржиме украинскиот народ и неговата желба за мир“, се наведува во заедничкото писмо испратено до МОК.
Претходно денеска и париската градоначалничка Ана Идалго го промени личниот став и се изјасни против настап на руските и белоруските спортисти, а против идејата на МОК во понеделникот се изјасни и Олимпискиот комитет на Чешка.
Украина прва ја отфрли идејата на МОК и најави бојкот на Игрите во Париз за што доби поддршка од Полска и балтичките земји.