Тајван пронајде остатоци од урнат балон, најверојатно од Кина

Војската на Тајван во четвртокот соопшти дека пронашла остатоци од соборен метеоролошки балон, веројатно од Кина, на оддалечен стратешки остров во близина на кинескиот брег, во услови на спор меѓу Кина и САД за шпионажа со балон.

Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија, се пожали на зголемено вознемирување од страна на вооружените сили на Пекинг во последните три години, вклучително и борбени авиони кои летаат во близина на островот и беспилотни летала над морските островчиња.

Тајванската војска соопшти дека во четвртокот доцна наутро нејзините сили на островот Донгин, дел од архипелагот Матсу контролиран од Тајван, во близина на брегот на кинеската област Фужоу, забележале непознат објект како паѓа од небото и подоцна пронашле остатоци од балон .

Говорејќи пред новинарите во парламентот во петокот наутро, министерот за одбрана Чиу Куо-ченг рече дека министерството испратило тим да го испита урнатиот балон.

„Националната армија нема да избрзува со заклучоци. Одговорите ќе бидат дадени дури по истрагата“, рече тој.