Телефонски разговор Мицотакис- Зеленски

 – За моменталната ситуација во Украина, за грчката поддршка и безбедносната соработка, меѓу другото, телефонски разговарале украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Украина преку Твитер соопшти дека во телефонскиот разговор, на Мицотакис му ги опишал ситуацијата на бојното поле и актуелните одбранбени предизвици со кои се соочува земјата, а двајцата се согласиле да ја продолжат безбедносната соработка.

Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека Мицотакис го повторил цврстиот став на Грција за поддршка на Украина и нејзиното право да ги брани суверенитетот и територијалниот интегритет, а ја изразил и солидарноста на земјата со украинскиот народ.

Потенцирал дека поддршката на Грција ќе продолжи сѐ додека е потребно, посочувајќи дека од почетокот на руската инвазија помогнаа со хуманитарна и одбранбена поддршка, паралелно спроведувајќи ја европската рамка за санкции против Русија.

Мицотакис и Зеленски, исто така си размениле и честитки за Велигден.