Тензии во Кавказ: Има мртви од двете страни во новиот жесток конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан

Еден азербејџански војник и припадник на вооружените сили на Ерменија загинаа при огнениот судир на границата на двете земји.

Последната во низата крвави престрелки се случи непосредно пред утрешната планирана средба во Брисел меѓу премиерот на Ерменија Никол Пашинјан и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.

Ерменското Министерство за надворешни работи соопшти дека во огнениот судир во четвртокот во близина на пограничното село Сотк биле употребени минофрлачи и мало оружје, а биле користени и беспилотни летала. Во меѓувреме тензиите се смирени, додаваат од Ереван, а пренесува Ројтерс.

Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека спречило напад со дрон од Ерменија врз позициите на азербејџанската армија во областа Калбаџар. Подоцна беше објавено дека еден војник е убиен, но дека азербејџанските војници ги држат работите под контрола.

По меѓусебните напади, двете страни рекоа дека дејствувале во самоодбрана и меѓусебно се обвинуваа за подметнување на пожарот. Ерменија објави и дека четворица нејзини војници се ранети.

Тензиите се зголемија во време кога беа интензивирани напорите спротивставените страни да постигнат мирен договор и покрај несогласувањата за тоа чија е границата и други прашања.

Досега, мировните преговори се водеа под надзор на Европската унија и Русија, која посредуваше за прекин на огнот во ноември 2020 година околу Нагорно-Карабах.

Министрите за надворешни работи на двете земји се состанаа минатата недела во САД.

Азербејџан минатиот месец постави контролен пункт на влезот во коридорот Лачин, единствениот пат што ги поврзува Ерменија и Карабах, потег што Ереван веднаш го нарече „грубо прекршување“ на договорот за прекин на огнот од 2020 година.

Никол Пашинјан рече дека последниот инцидент е обид на Азербејџан да ги наруши претстојните мировни преговори во Брисел.