Тажно! Сточари со копја го убиле познатиот лав: Стариот крал на саваната талкал во потрага по храна, но селаните немале милост (ВИДЕО)

Див мажјак лав, за кој се верува дека е еден од најстарите во светот, умре откако сточари го убоделе со копје, соопштија денеска властите во Кенија.

Лункито, кој имал 19 години, починал во околината на едно село во средата вечерта откако нападнал добиток. Селото се граничи со Националниот парк Амбосели во јужна Кенија.

– Лункито беше најстариот машки лав во нашиот екосистем и веројатно во Африка – објавија од групата „Чувари на лавовите“.

Речиси сите лавови живеат во Африка, освен мала популација во Индија.

Портпаролот на Кениската служба за диви животни (KVS) Пол Џинаро за Би-Би-Си изјави дека лавот е стар и слаб и оти залутал во селото од паркот во потрага по храна.

Џинаро не можеше да потврди дали Лункито е најстариот лав во Кенија, но рече дека е многу стар.

Групата „Чувари на лавовите“ работи на зачувување на популацијата на лавови во Националниот парк Амбосели. Од таму велат дека крајот на сушата обично е причина за зголемување на конфликтите меѓу луѓето и лавовите, бидејќи во такви временски услови лавот потешко лови.

– Во очај, лавовите често почнуваат да напаѓаат добиток – наведува групата.

Тие додаваат дека Лункито бил „симбол на издржливост и соживот“ во тој дел на Кенија.

Пола Кахумбу, заштитничка на дивиот свет, рече дека ја боли убиството на лавот и повика на мерки за заштита на животните во Кенија.

„Ова е пресвртна точка за конфликтот меѓу луѓето и дивиот свет и ние треба да направиме повеќе како земја за да ги зачуваме лавовите кои се соочуваат со истребување“, изјави Кахумбу за Би-Би-Си.

Просечниот животен век на лавот е околу 13 години во дивината, додека во заробеништво може да живее многу подолго.