Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО) денеска потпишаа Меморандум за соработка во Клубот на пратеници. Со Mеморандумот ќе се спроведуваат заеднички активности за промоција на инвестициските можности меѓу двете земји и за унапредување на соработката меѓу јапонските и македонските компании во повеќе сектори.
Јапонската делегација, предводена од генералниот директор на јапонското Министерство за економија, трговија и индустрија Такехико Матсуо и директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино, а во чиј состав се и претставници од 11 познати јапонски компании, за време на следните три дена ќе имаат средби со студенти од ФИНКИ, претставници на старап компании кои се дел од програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и со претставници на големи компании кои се дел од Стопанската комора на Македонија.
– Еден од столбовите на Меморамдумот што го потпишавме денеска е можноста за промоција на македонски и јапонски компании во проектите за обнова на Украина. Тоа што имавме можност летоска при посетата на Јапонија да го разбереме е дека има сериозен интерес посебно од големите јапонски банки да ги финансираат овие проекти кои очекуваме дека набрзо ќе се случат по завршувањето на конфликтот така што еден од фокусот на посетата е токму тоа – разговор меѓу македонските и јапонските компании како да се искористи нашето искуство и нашата блискост на овие пазари и нашите компании заедно со јапонските компании да добијат дел од тој колач на реконсрукција, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Со Меморандумот се очекува да се воспостави и поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании особено во делот на иновациите и полесен влез на јапонските компании во земјава.
– Идејата на оваа посета беше да им се овозможи на јапонските компании да се запознаат со менталитетот во Северна Македонија, деловните активности и да се воспостават деловни врски меѓу јапонските и македонските компании. Во последните неколку години ЏЕТРО интензивно работи на воспоставување на деловни врски посебно во областа на иновациите. Се надеваме дека со оваа посета ќе се воспостави потесна врска меѓу јапонските и стартап компаниите во Северна Македонија токму на ова поле, рече директорот на ЏЕТРО од Виена, Камино.
Ова е втора посета на ЏЕТРО на Северна Македонија, првата беше остварена во 2019 година.
Меморандумот се потпишува во месецот кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија.