Тито ги сакал овие жени: Се омажила за него на 14 години, ја обвинувале за шпионажа, а најголемата љубов ја погребал во дворот – ,,Тито е сам” (фото)

Јосип Броз Тито беше југословенски комунистички револуционер, државник, дипломат, водач на Сојузот на комунистите на Југославија, доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и голем женкар.

Иако Јованка Будисављевиќ ни доаѓа на ум при првото спомнување на неговиот љубовен живот, Тито сакал и други жени и бил оженет пред неа.

Неговата прва сопруга се омажила за него кога тој имал само 14 години

Неговата прва сопруга беше Русинката Пелагија Белорусова. Прво склучија црковен брак, а потоа и граѓански во јуни 1919 година. Се омажила за Тито кога имала само 14 години. Тој тогаш имал 26. Таа го запознала како воен заробеник кога го спасила од контрареволуционерите на Колчак.

Тито и Пелагија имаа четири деца. Првото за жал починало веднаш по раѓањето, другите двe починале како деца, а само четвртото дете преживеало.

По апсењето на Тито во 1928 година за комунистичка пропаганда, Пелагија се вратила во Русија со нејзиниот син. Откако Тито излегол од затвор, тој и’ се налутил затоа што го сместила синот Жарко во дом за напуштени деца. Тие официјално се разведоа во април 1936 година.

Другата жена беше обвинета дека е шпион

Тито се оженил по вторпат во октомври 1936 година во Москва со Луција Бауер, чие вистинско име било Ана Коенин. Таа беше мажена за висок функционер на германските комунисти, кој беше уапсен и осуден на 15 години затвор откако Хитлер дојде на власт. Меѓународната организација за Црвена помош тогаш го организираше заминувањето на неговата сопруга во Москва, каде што го доби псевдонимот Луција Бауер.

Тито и Луција се венчале во 1936 година. Тој тогаш имал 44 години, а таа 22. Недолго по венчавката, Тито „отишол да работи на црно во Југославија“. Тој и’ праќал љубовни писма во кои ја уверувал дека таа е љубовта на неговиот живот.

Откако тајната полиција на Сталин ја обвини дека е германски шпион, Луција беше застрелана во московскиот затвор во 1937 година.

Третата жена ја изневерил со својата секретарка

Следната голема љубов на Броз била Херта Хас. Една богата Словенка со еврејско потекло била 22 години помлада од него. Биографите сè уште не се целосно согласни дали таа и Тито воопшто се венчале.

Додека едни тврдат дека тоа го направиле во 1939 година во Загреб, други велат дека врската никогаш не била легализирана. Она за што се согласуваат е дека додека Тито бил со Херта ја имал и љубовницата Даворјанка Пауновиќ, која тогаш немала ни 20 години. Во исто време Херта го родила синот на Тито, Александар Миша Броз.

Фаталната Зденка

За време на војната, Тито ја запознал Даворјанка Зденка Пауновиќ, која подоцна станала негова секретарка и помошничка во Белата палата каде што живеел Тито. По четири години љубов со Херта, Зденка зазеде место покрај големиот владетел. Кога започнала Втората светска војна, таа отишла со него на фронтот. Со него поминувала низ најтешките ситуации, а наводно неколку пати го менувала идентитетот. Се зборуваше дека таа имала големо влијание врз Тито и дека подоцна како претседател тој донесувал одлуки врз основа на нејзините предлози.

Колкаво влијание имала говори и податокот дека на една средба на најдлабокото раководство на партијата таа била единствена тема на разговор. Тогаш Тито им рекол: „Правете што сакате, но јас не можам без неа“.

Според официјалната верзија, Даворјанка починала во 1946 година од туберкулоза. Тито ја погреба во дворот на Белата палата во Белград бидејќи таа беше неговата најголема љубов, пишува net.hr.

Нејзиното име подоцна не беше споменато, а наскоро нејзиното место ќе го заземе добро познатата прва дама на Југославија.

Јованка – единствена дама

Јованка Будисављевиќ беше 32 години помлада од Тито. Во војната се истакнала како млада партизанка, а имала и чин мајор. Тито ја сретнал при слетувањето на Дрвар, а подоцна ја донел во неговата резиденција каде ја вработил како куќна помошничка.

Одредени извори тврдеа дека Јованка е практично политички наместена за Тито за малку да го смири бидејќи наводно бил прилично ненаситен кога се во прашање жените. Според некои документи, Јованка во кругот на Тито ја донел Иво Крајачиќ Стево, шефот на комунистичката тајна полиција ОЗНА.

Сестрата на Јованка, Нада Будисављевиќ, секогаш тврдеше дека Тито ја сака и ја цени Јованка, а и таа го сака него. Во документарецот на РТС, таа раскажува како таа и нејзината друга сестра Зора по војната живееле во сиропиталиште додека Јованка не ги нашла и ги однела во Ужичка 15 – резиденцијата на Тито каде што работела. Веста за претстојната венчавка на почетокот не ги израдува.

„Еден ден, таа ми кажа мене и на Зора дека ќе се омажи за Тито. И двете останавме без зборови. Се чувствувавме исто онака како што бевме кога ни кажа дека брат ни умре. Како да ни кажа дека ќе се омажи за Свети Петар! Или дека ќе се омажи за Господ Бог. Тито во тоа време беше икона за сите нас, па и за неа. Јас и сестра ми Зора плачевме кога ја слушнавме веста за бракот, бидејќи мислевме дека ќе нè вратат во домот за деца“, се присети Нада, на која Тито сепак и’ дозволи да остане.

Јованка и Тито се венчале во април 1952 година, а кум им бил Александар Ранковиќ, шефот на Државната безбедност, пишува biografija.org.

Отпрвин, речиси никој во земјата не знаеше дека се венчале бидејќи свадбата била тајна. Церемонијата се одржа недалеку од Илок, во вилата на Тито покрај Дунав, во тесен круг на луѓе. Двајцата немаа деца. Иако се шпекулираше дека формално се развеле на крајот на 70-тите години на 20 век, Јованка Броз останала со Тито до неговата смрт во 1980 година.

И додека однадвор сè изгледаше хармонично меѓу нив, нивната врска не беше идилична, особено во 1970-тите. Јованка во последните неколку години од животот не го ни видела сопругот. Кон крајот на животот на Тито во 1978 година, дури и британскиот амбасадор сфатил што се случува, па испратил порака до Лондон со содржина: „Тито е сосема сам!“

Тој повеќе не беше со сопругата или пријателите, а наскоро она што го создаде – Социјалистичка Федеративна Република Југославија – ќе почне да се распаѓа.