Турбулентни денови во Србија: Вучиќ бесен поради дебаклот на неговиот митинг, земјата ја очекува нов бран протести

Еден ден по митингот за поддршка на претседателот Александар Вучиќ, на улиците на Белград се очекуваат илјадници луѓе кои се против политиката на српскиот претседател. Тој синоќа соопшти дека ја напушта функцијата прв човек на Српската напредна странка. Тој веќе утрово на партиското собрание во Крагуевац го предложи за свој наследник својот близок соработник Милош Вучевиќ, актуелен министер за одбрана.

„Знам дека потекнува од добро семејство, го знам како човек многу лојален на СНС, но и на идејата за независна, слободна и просперитетна Србија и сигурен сум дека со мојата и ваша поддршка, ќе може да заврши одлична работа и дека ќе може заедно со вас да работи уште понапорно и уште посилно“, рече Вучиќ.

Опозициските медиуми во Србија јавуваат дека претседателот Вучиќ синоќа бил бесен поради дебаклот на митингот за поддршка.

Иако од СНС тврдат дека се собрале 200.000 луѓе, опозициските медиуми јавуваат дека немало повеќе од 50.000. Тврдат и дека на мнозинството од насобраните не им било дозволено да се засолнат од силниот дожд кој цело време паѓал. На средбата зборуваше Вучиќ, како и гости, меѓу кои претседателот на Република Српска, Милорад Додик и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој зборуваше српски.

„Пријатели, вие и јас се соочуваме со слични предизвици. И вие и ние сме изложени на безмилосни напади од меѓународниот либерален мејнстрим“, рече Унгарецот.

Милорад Додик трипати ја повика публиката да навива за Србија и Русија.

„Имаме доверба и ја поддржуваме Србија на чело со Александар Вучиќ, да живее Србија“, рече Додик.