ТОТАЛЕН ХАОС ВО ШВЕДСКА – Премиерот бара помош од Армијата поради зголемувањето на крвавите улични судири

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, го повика врховниот командант на шведските вооружени сили Микаел Бајден да помогне да се спречи порастот на убиствата поврзани со конфликтот меѓу криминалните банди.

Двајцата денеска ќе се сретнат со началникот на полицијата за да разговараат за улогата на Армијата, јавува BBC.

Микаел Бајден за тамошните медиуми изјавил дека е подготвен да и помогне на полицијата.

Не е јасно како точно ќе се вклучи Армијата, но имаше најави дека војниците би можеле да преземат некои полициски должности за да ги ослободат полициските ресурси за борба против криминалот.

Во Шведска овој месец, 12 лица загинаа во конфликт меѓу криминални групи, што е најголем број од декември 2019 година, објавија тамошните медиуми.

Улф Кристерсон вели дека Шведска досега не видела вакво нешто и дека ниту една друга земја во Европа не доживеала ваква ситуација.

Тој изјави дека децата и невините случајни минувачи се повеќе страдаат во конфликти со банди.

Во извештајот на шведската Влада објавен во 2021 година се наведува дека четири лица на милион жители умираат во престрелки секоја година, што е повисоко од европскиот просек, каде што 1,6 луѓе гинат во престрелки на милион жители.

Шведската полиција ја поврзува високата стапка на криминал со лошата интеграција на имигрантите, зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните и употребата на дрога.