ТРАГЕДИЈА ВО НИГЕРИЈА: Се преврте траект, најмалку 26 загинати

Најмалку 26 лица загинаа, а непознат број од нив се водат како исчезнати откако траект се преврте на река во северна Нигерија , соопштија локалните власти.

Фериботот превезувал повеќе од 100 луѓе, меѓу кои и жени и деца, изјави портпаролот на државата Нигер, Бологи Ибрахим, пренесе Ројтерс.

„Потврдено е дека загинале 26 лица, претежно жени и деца, спасени се над 30 лица. Во тек е комбинирана спасувачка акција на поморската полиција и локалните нуркачи во соработка со државната Агенција за вонредни состојби“, изјави Ибрахим.

Портпаролот објасни дека луѓето отишле во нивните фарми од другата страна на реката, во близина на големата брана, но не е прецизирано за која брана се работи.

Повеќе од 100 луѓе загинаа во јули оваа година кога преоптоварен брод се преврте во оддалечен дел на државата Нигер.