Несреќата се случила денеска во 15 часот и 45 минути, а според првичните информации што ги објави ТВ 21, работниците загинале откако врз нив паднал потпорен ѕид додека работеле во тетовското село Шипковица.
Според информациите што ги објави СВР Тетово, загинатите се 63-годишниот А. А. од тетовското село Селце и 50-годишниот Џ. Ц., кој е државјанин на Република Албанија.
Според информации на ТВ 21, кои ги пренесе Курир, до несреќата дошло откако тие работеле на санација на ѕид од свлечиште кое се случило пред неколку дена. Засега од непознати причини ѕидот се срушил токму врз двајцата работници кои животот го загубиле на лице место.
„Денес во 15 часот и 45 минути во СВР Тетово пријавено е дека две лица додека изведувале градежни работи во тетовското село Шипковица, се здобиле со тешки телесни повреди од кои починале. Лекари од Итната медицинска помош констатирале смрт кај нив. Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово вршат увид и се утврдуваат сите поединости поврзани со овој случај”, велат од СВР Тетово.
На местото на настанот се присутни и тетовските пожарникари и претставници од Државниот трудов инспекторат. Засега останува непознато зошто работниците изведувале градежни работи, иако поради портокаловата фаза во која се наоѓа земјата и екстремно високите температури Владата на РСМ даде препораки за приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците.