Трамп даде интервју пред да оди во затвор: Одговори на прашањето дали ќе има Граѓанска војна во Америка (фото/видео)

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп имаше интервју со Такер Карлсон, поранешен водител на Fox News, во пресрет на неговото предавање на властите во затворот во округот Фултон во Џорџија, а во него зборуваше за можноста за политичко насилство во САД.

Угледната вашингтонска веб-страница „Хил“ објави дека Трамп во интервју, кое синоќа беше емитувано за време на дебатата на останатите републикански претседателски кандидати на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), рекол дека страста и омразата во Америка достигнале невидени размери и дека „веројатно не е добра комбинацијата“.

Трамп реши да ја прескокне дебатата на кандидатите за номинација на Републиканската партија за претседателските избори во 2024 година, која штотуку ја организираше Fox News, а неговото интервју со Карлсон почна намерно да се емитува само неколку минути пред да започнe дебатата.

Карлсон го праша Трамп дали мисли дека Америка се движи кон „отворен (внатрешен) конфликт“.

– Никогаш не сум видел толкав дух и толку страст, а исто така никогаш не сум видел, во исто време, во истите луѓе, толкава омраза за она што и’ е направено на нашата земја – рече Трамп.

Кога Карлсон потоа го праша дали мисли дека САД се упатени кон „граѓанска војна“, Трамп се осврна на насилството што избувна на 6 јануари 2021 година на Капитол Хил кога неговите приврзаници маршираа кон зградата на Капитол за да извршат притисок врз тогашниот потпретседател Мајк Пенс да ја запре потврдата за победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори.

– Има голема страст и голема љубов. Знаете, 6 јануари беше многу интересен ден бидејќи тие (медиумите) не известуваат соодветно за тоа. Верувам дека тоа беше најголемата маса луѓе на кои некогаш сум им се обратил – рече Трамп, додавајќи дека „многу мала група“ од нив го нападнала Конгресот.

Американската федерална управа за авијација денеска нареди затворање на воздушниот простор над затворот во округот Фултон во државата Џорџија во очекување на предавањето на Трамп.

Newsweek пишува дека окружните власти очекуваат Трамп, кој е обвинет за заговор да го поништи неговиот пораз на претседателските избори во Џорџија во 2020 година, да се појави во затвор во вечерните часови.